Започнете го вашето патување тука
Да се ​​стане потрошувач-производител е поедноставно отколку што мислите, а ние сме тука да ве водиме на секој чекор од патот.
Ако сте подготвени да преминете од пасивен потрошувач на електрична енергија во активен учесник на пазарот со електрична енергија и да станете дел од одржлива енергетска иднина, вие сте на вистинското место!
На оваа страница ќе најдете се што треба да знаете за да го започнете ова ваше патување. Ќе ги разјасниме дел од сомнежите што ги забележавме кај постојните потрошувачи-производители, како и ќе ги објасниме сите детали што ја карактеризираат оваа форма на учество на граѓаните на пазарот на електрична енергија.

Кои се просумери?

Просумер (потрошувач-производител) на електрична енергија е оној кој не само што троши електрична енергија од електродистрибутивна мрежа, туку и самиот произведува електрична енергија од обновливи извори, најчесто фотоволтаици, и истата ја користи за сопствена потрошувачка, додека вишокот на произведена електрична енергија го предава во електродиструбутивната мрежа.

Ова е најкраткото објаснување.

Како што напредувате низ текстот, ова објаснување ќе станува подетално и појасно. Но, да одиме по ред.

Законодавството на Република Северна Македонија го дефинира просумерот како „потрошувач-производител" на електрична енергија и законската дефиниција гласи:

“Потрошувач-производител е домаќинство, заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда или заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда кои склучиле договор за вршење управувачки услуги со управител на станбени згради, за потребите на заедничките делови во станбената зграда, мал потрошувач, буџетски корисник и единка корисник, кој изградил објект за производство на електрична енергија од обновлив извор на енергија, пришто произведената електрична енeргија ја користи за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената електрична енергија го предава во електродистрибутивна мрежа.”

Како што можете да видите, секој краен потрошувач на електрична енергија може да стане просумер, што овозможува секој да учествува во производството на енергија за свои потреби.

Како функционира фотоволтаичната електрана?

ФВ (фотоволтаична) електрана работи со претворање на сончевата светлина во електрична енергија користејќи фотоволтаични панели инсталирани на покрив или на друга слободна површина.

Фотоволтаични панели апсорбираат сончева светлина и генерираат еднонасочна електрична енергија (DC).

Инвертерот е уред кој ја претвора еднонасочната електричната енергија во двонасочна електрична енергија (AC), која се користи во вашиот дом.

Произведената електрична енергија преку електричните инсталации директно ги напојува вашите апарати и се користи за сопствена потрошувачка.

Доколку произведената електрична енергија е поголема од вашата моментална потрошувачка, вишокот електрична енергија може да се предаде во електродистрибутивната мрежа преку двонасочно броило.

Ваквиот начин на функционирање ви овозможува да произведувате чиста енергија, да ги намалите сметките за електрична енергија и да придонесете за позелена иднина!

ИЛУСТРАЦИЈА ПРИНЦИП НА РАБОТА НА ФОТОВОЛТАИЧНА ЕЛЕКТРАНА ЗА СОПСТВЕНА ПОТРОШУВАЧКА
Повеќе информации за опремата за фотоволтаична електрана можете да најдете во текстот: ПОТРЕБНА ОПРЕМА.

Дали се исплати да бидете просумер?

Да се ​​биде просумер во Република Северна Македонија може да биде многу исплатливо.

  1. Ќе постигнете долгорочни заштеди на сметката за електрична енергија (најмалку наредните 25 години колку што е животниот век на ФВЦ).
  2. Ќе се заштитите од "скоковите" во цената на електричната енергија за дел од сопствената потрошувачка.
  3. Делумно ќе ја намалите зависноста од снабдувачот со електрична енергија.
  4. Дополнително ќе заштедите на изградбата на фотонапонската електрана, доколку ги искористите субвенциите кои ви стојат на располагање.
За стимулирање на користење на обновливи извори на енергија, Министерството за економија, преку Програмата за промоција на обновливи извори и енергетска ефикасност преку јавен повик обезбедува поврат на средства за домаќинствата кои ќе купат и инсталираат фотонапонски електрани до 6 kW за сопствена потрошувачка на објекти во нивна сопственост или користење.

Секако, се зависи од вашата потрошувачка на електрична енергија, вашата желба подобро да се прилагодите на новите модели на потрошувачка, како и од континуираното прилагодување на законските акти и правилници кон потребите на „потрошувачите-производители“.

Постојат и дополнителни причини зошто е добро да имаме што повеќе фотоволтаични електрани.

  1. Почист воздух и почиста животна средина, електрична енергија добиена без согорување на фосилни и други цврсти горива.
  2. Локалното производство на електрична енергија ја намалува зависноста од увоз,и помага во зајакнување на националната енергетска независност.
  3. Подобрен квалитет на живот, чистата енергија води до поздрави заедници, заштита на животната средина, подобрување на јавното здравје и намалена енергетска сиромаштија.
  4. Дополнително ќе заштедите на изградбата на фотонапонската електрана, доколку ги искористите субвенциите кои ви стојат на располагање.

Најголема корист имаат најголемите потрошувачи – ако вашата потрошувачка барем 4000–5000 kWh годишно, или во најдобар случај е над 7-8000 kWh годишно, вие сте добар „кандидат“ за изградба на фотоволтаична електрана.*


А сега ќе ви објасниме и зошто. Фотоволтаичните системи со големина за да ги задоволат потребите за потрошувачка (на пример, 3-5 kWp за типични домаќинства) ќе генерираат производство од 4000-6500 kWh годишно во условите во нашата земја каде сончевиот потенцијал е прилично висок.


Системот кој покрива најголем дел од вашата потрошувачка обезбедува најголема заштеда на вашите сметки за електрична енергија, максимизирајќи го повратот на инвестицијата.


За помали нивоа на потрошувачка, периодот на поврат на инвестицијата може да биде подолг.


Иако делува контраинтуитивно, за малите потрошувачи, на кои вообичаено им треба помал систем, цената по единица генерирана електрична енергија е повисока, што ја прави инвестицијата помалку исплатлива поради што ќе бидат потребни повеќе години за инвестицијата да се исплати.


* Бидејќи не е целта да промовираме “неефикасна“ потрошувачка на енергија – пред да се одлучите да инвестирате во фотоволтаична електрана, обидете се прво да спроведете мерки за енергетска ефикасност. На овој начин ќе постигнете поголема топлинска удобност, ќе ја намалите прекумерната потрошувачка на електрична енергија, а истовремено ќе ги намалите и трошоците за изградба на фотоволтаична електрана, што ќе доведе до побрзо враќање на инвестицијата.

Дополнително, сегашната легислатива не е целосно прилагодена на концептот „потрошувач-производител“, со промените во новиот закон очекуваме наскоро да имаме целосно функционален принцип на „нет-мерење“ за потрошувачите.

Кои се основните карактеристики на просумерите?

За да ги разбереме основните карактеристики на концептот на просумер, ќе тргнеме од правната дефиниција која ни ја дава основната функционална рамка на „потрошувач-производител“.

Обрнете внимание на задебелените зборови - тие се клучни за лесно разбирање на овој концепт.

Потрошувач – производител – Домаќинство, заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда или заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда кои склучиле договор за вршење управувачки услуги со управител на станбени згради, за потребите на заедничките делови во станбената зграда, мал потрошувач, буџетски корисник и единка корисник , може да изгради објект за производство на електрична енергија од обновлив извор на енергија, пришто произведената електрична енeргија ја користи за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената електрична енергија го предава во електродистрибутивна мрежа.“

Овие 6 точки се основните карактеристики на концептот „потрошувач-производител“. Ајде да поминеме низ секоја од нив.

(1) „Потрошувач – производителот“ е краен потрошувач – можеме да кажеме дека секој од нас е краен потрошувач на електрична енергија и тоа не се менува кога ќе станете просумер. Сè уште сте приклучени на електродистрибутивната мрежа, како и другите потрошувачи на електрична енергија. Тоа е неопходно, имајќи предвид дека е практично невозможно да се покрие постојаната потрошувачка на електрична енергија само од нашата сопствена електрана, која се базира на обновливи извори на енергија. Обновливите извори се со променлив карактер и и нивната достапност може да варира со текот на времето. Оваа варијабилност зависи од природните услови како што се временските услови, дел од денот и годишните времиња.

(2) Сопствен производствен капацитет на електрична енергија приклучен на постоечките сопствени инсталации – производствениот капацитет (електраната) е поврзан на постоечките сопствени инсталации, така што произведената електрична енергија веднаш се користи за активна потрошувачка, а вишоците што не се трошат во реално време се предаваат во електродистрибутивната мрежа. Оваа интеграција е она што ги разликува производителите од традиционалните производители на електрична енергија, кои произведуваат енергија првенствено за продажба. Концептот на просумери ја одразува еволутивнатa улога на потрошувачите во енергетските системи, каде што, и трошат и произведуваат електрична енергија.

(3) Обновливи извори на енергија – ова е апсолутно задолжително, за да се биде просумер мора да се произведува чиста енергија од обновливи извори, најчесто тоа е енергија произведена од фотоволтаични електрани, кои се најевтини и наједноставни за изградба и одржување.

(4) Покривање на сопствената потрошувачка – како што видовме во точката (2), со поврзување на електраната со останатата постоечка инсталација, си овозможуваме „директно“ да ја трошиме електричната енергија што ја произведуваме, односно да ја покриваме сопствената потрошувачка.

(5) Сопствената потрошувачка е електричната енергија што ја користиме за сопствена употреба, она што директно го трошиме, пред да се појават вишоци. Сопствената потрошувачката е најевтина форма на потрошувачка на електрична енергија – трошоците за киловат-час (kWh) се најниски (вкупната цена на производниот капацитет поделена со бројот на киловат-часови произведени во периодот на работа на електраната). Тоа значи дека за тој дел од потрошувачката (пред испорака на вишоци до електродистрибутивниот систем) сме заштитени од поскапување на електричната енергија за целиот период на експлоатација на електраната.

(6) Вишокот на произведената електрична енергија се испорачува во електродистрибутивната мрежа – ова е уште една карактеристика што е клучна за разбирање на концептот „потрошувач-производител“. Веќе споменавме вишоци, во претходните сегменти, но дополнително да разјасниме како се создаваат и како се трошат вишоци.

Очигледно е дека ќе произведувате многу повеќе струја во лето отколку во зима, бидејќи деновите се подолги, а небото е многу поведро отколку во постудените месеци. Секако дека ќе имате производство и во текот на зимските месеци, но најголем дел од произведената струја ќе се произведува во најсончевите месеци од годината – од април до ноември.
Вишоци се јавуваат кога тековното производство е поголемо од тековната сопствена потрошувачка на електрична енергија. ФВЦ автоматски ги предава вишоците во електродистрибутивниот систем.
Вишокот на електричната енергија што снабдувачот ја презема од потрошувачот-производител (C) во пресметковниот период се вреднува на следниов начин:
  1. C = PCE*0,9, ако во пресметковен период Ei >= Ep,
  2. C = PCE*0,9*Ei/Ep, ако во пресметковен период Ei < Ep,
каде што:

– Ei = вкупната електрична енергија испорачана од снабдувачот и преземена од потрошувачот-производител во рамките на пресметковен период и изразена во kWh,

– Ep = вкупната електрична енергија предадена во електродистрибутивна мрежа од потрошувачот-производител во рамките на пресметковен период и изразена во kWh,

– PCE = просечна цена на електрична енергија која потрошувачот-производител ја плаќа на снабдувачот за купената електрична енергија, без надомест за користење на мрежа (мрежарина) и други надоместоци и даноци, во рамките на пресметковен период и изразена во MKD/kWh.
Ако електричната енергија произведена од потрошувачот-производител предадена на електродистрибутивната мрежа ја презема универзалниот снабдувач, вишокот на преземената електрична енергија во пресметковниот период се вреднува согласно горенаведените формули, при што во овој случај PCE е просечната набавна цена на електрична енергија која универзалниот снабдувач ја набавува за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи.
Пресметковниот период изнесува шест месеци, при што првиот пресметковен период е од јануари до јуни, а вториот пресметковен период е од јули до декември.
Снабдувачот со електрична енергија може на потрошувачот-производител да му понуди друг начин на пресметка на цената на електрична енергија и пресметковен период кои се поповолни за потрошувачот-производител.

Како точно се појавуваат дневните и месечните вишоци?

Во пракса, дневните облици на производство и потрошувачка на електрична енергија во домаќинството изгледаат слично како на илустрацијата.

Можеме да забележиме дека производството е највисоко во моментите кога Сонцето е највисоко на небото- на пладне, додека потрошувачката е најголема во раните утрински и вечерни часови.

Илустрација: Појавата на вишоци електрична енергија при дневно производство на електрична енергија кај типично домаќинство со фотоволтаична електрана

Како се собираат месечните вишоци?

Како што споменавме, поради големината на денот и бројот на сончеви часови, електраната произведува повеќе енергија во лето отколку во зима и затоа во тој период се добиваат поголеми вишоци на електрична енергија, особено во пладневните часови.

Најдобро и најоптимално е да произведената електрична енергија генерирана од сопствено производство да се користи и троши во исто време за сопствена потрошувачка.

За да се намалат вишоците на електрична енергија, најдобро е да е да се усогласат производството и потрошувачката - електричната енергија треба да се троши кога е најдостапна, а тоа е во текот на дневните часови.

Графикон: генерирање на вишоци при месечно производство на електрична енергија кај типично домаќинство со фотоволтаична електрана

Прилагодување на сопствената потрошувачка

Кога добро управувате со производството и потрошувачката, максимално ќе ја намалите сметката за струја и истовремено ќе го намалите периодот на враќање на средствата вложени во фотоволтаичната електрана.

За тоа ќе бидат потребни мали промени во навиките - ќе ги вклучите најголемите потрошувачки уреди, како што се машината за перење или машината за садовите, во периодите на најголема потрошувачка и на тој начин директно ќе ја трошите енергијата што ја произведувате.

Добрата вест е што има се повеќе опции за прилагодување на потрошувачката и дневното производство, на пример - одложен старт доколку сте спречени сами да ги вклучите уредите. Покрај тоа, постојат различни „паметни“ уреди (прекинувачи, приклучоци, контролери) кои можат да ви помогнат да го програмирате вклучувањето на најголемите потрошувачки уреди во периодот кога имате најголемо производство. Дури и со помош на некои паметни броила кои можат да бидат дел од вашиот фотоволтаичен систем, можат да се програмираат да ја контролираат работата на одредени уреди според моменталното производство на електрична енергија.

Сопственото производство, сопствената потрошувачка и создавањето на вишоци произведена електрична енергија се клучни за разбирање на целиот концепт на „потрошувач-производител“.

За да избегнете создавање непотребни вишоци произведена електрична енергија, исклучително е важно електраната да биде проектирана во согласност со вашата годишна потрошувачка.