Кога зборуваме за фотоволтаична електрана, првата мисла ни е на фотоволтаичните панели кои се наоѓаат на кровот на куќата. Овие панели се важен и видлив дел од фотоволтаичната електрана, меѓутоа, за да можете да станете потрошувач-производител, вашата електрана мора да биде поврзана со електродистрибутивниот систем како што е прикажано на сликата.

ИЛУСТРАЦИЈА НА ПРИНЦИП НА РАБОТА НА ФОТОВОЛТАИЧНА ЕЛЕКТРАНА ЗА СОПСТВЕНА ПОТРОШУВАЧКА

Фотоволтаичните панели и инвертерот се две клучни компоненти на секоја фотоволтаична електрана, додека сите останати делови служат само за помош во безбедноста, преносот и мерењето на количините на електрична енергија. Повеќето од нив се неопходни за да електраната биде комплетна, технички усогласена и подготвена за употреба.

Фотоволтаични панели (модули)

Фотоволтаичен модул е уред кој ја конвертира сончевата светлина во електрична енергија преку фотоволтаичниот ефект. Се состои од повеќе фотоволтаични ќелии, кои се поврзани сериски или паралелно и се поставени во рамка, обично покриени со стакло, за да се заштитат од надворешни влијанија. Секоја ќелија на модулот е изработена од полупроводнички материјали, како што е силициумот, кој апсорбира фотони од светлината. При апсорпцијата на фотоните, тие ја пренесува нивната енергија на електроните во материјалот, што доведува до возбудување на електроните и нивно ослободување, создавајќи електричен напон.

Инвертoр

Инвертoрот е исто така важна компонента на фотоволтаичниот систем која пред сè служи за претворање на еднонасочната струја која ја произведуваат фотоволтаичните панели во наизменична струја која се користи во електричните уреди и предава на мрежа. Инвертерот игра улога на мост помеѓу панелите и електричната мрежа/ потрошувачките уреди, овозможувајќи ја употребата на произведената електрична енергија за напојување на домаќинствата или за пуштање во електродистрибутивната мрежа.

Двосмерното броило (двонасочно броило)

Кога станувате потрошувач-производител и планирате вишокот на произведена електрична енергија да го предавате во мрежа имате обврска да го замените класичното еднонасочно броило со двонасочно, бидејќи сега струјата ќе „тече“ во два правци.

Паметно броило / Smart Meter

Паметното броило во ФВ систем е напреден електричен мерач кој ја следи и мери количината на електрична енергија што се произведува од ФВ систем, како и електричната енергија што ја троши секој од уредите во домаќинството. Тоа овозможува прецизно мерење на количината на енергија која се произведува и користи во реално време, како и на вишокот кој се доставува во дистрибутивната мрежа.

Мерен орман

Мерниот орман е место каде се наоѓа двосмерното броило, како и различна заштитна опрема која обезбедува дека во случај на дестабилизација на работата на електраната, системот автоматски се исклучува од електродистрибутивната мрежа, за да не дојде до оштетување на инфраструктурата.

Батерија

Во рамките на фотоволтаичната електрана, може да имате и ваша батерија за складирање. Овде е важно да знаете дека батеријата мора да биде така интегрирана во ФВ систем на електраната што не може да прима и складира електрична енергија од електродистрибутивниот систем и да предава од складираната енергија во електродистрибутивниот систем, туку исклучиво да врши складирање од сопственото производство и да го користи за сопствената потрошувачка. Имено, во текот на денот, кога постои поволно сончево зрачење, произведената електрична енергија веднаш се користи за неопходните потреби, а вишокот оди во батериите. Попладне и ноќе, кога нема сонце, се користи складираната енергија од батериите, со што се прават дополнителни заштеди.

Останата опрема

Во останатата опрема се вклучени сите невидливи делови на фтоволтаичната електрана, кои се потребни за нејзиното функционирање: дополнителни уреди, прекинувачи, склопки, кабли, конструкции и потконструкции.