Како да знам колкава инсталирана моќност на фотоволтаичната електрана ми е потребна?
Потребната инсталирана моќност на ФВ електрана за домаќинството се пресметува на основа на неговата потрошувачка на електрична енергија за последните 12 месеци. Вашата месечна потрошувачка (kWh) е збир од потрошувачката во висока тарифа (ВТ) и во ниска тарифа (НТ).
Информации за вашата потрошувачка на електрична енергија може да најдете на месечнитесметки за електрична енергија. Потребно е да се соберат 12 месечни сметки за да се добие годишната потрошувачка, се со цел да имате појасна слика за вашата годишна потрошувачка на електрична енергија и за тоа како таа се менува во текот на една година.
Откако ќе ја утврдите потрошувачката за електрична енергија во период за последните 12 месеци, изразена во киловат-часови (kWh), се дели со 1300 за да ја добиете потребната инсталирана моќност на ФНЕ за задоволување на вашите потреби.
Колкаво количество на електрична енергија ќе произведе мојата фотоволтаична електрана во период на една година?
Според официјалните податоци за сончевото зрачење, на територијата на нашата земја е можно да се добијат помеѓу 1200 kWh и 1500 kWh, по инсталиран киловат на ФВ електрана годишно, доколку ориентацијата на ФВ електрана е кон југ и нема пречки (оџак, антени, дрво во дворот…) кои би создале сенки.
Колку електрична енергија месечно ќе произведува фотоволтаичната електрана?
Пресметката на идното производство на електрична енергија по месеци е тешко да се одреди бидејќи никогаш со сигурност не можеме да предвидиме дали и кој месец ќе биде повеќе сончев или облачен. Можно е да се добијат приближни вредности на производство во однос на инсталираната моќност на ФВЕ и локацијата на која се наоѓа со помош на разни достапни и бесплатни алатки, врз основа на податоци достапни за просечното сончево зрачење по месеци на дадената локација.