Исплатливоста од изградбата и користењето на фотоволтаичната електроцентрала зависи од голем број фактори, како што се бројот на сончеви часови, големината на електроцентралата, цената на вградената опрема, цената на струјата, начинот на пресметка на електричната енергија, но и начинот на потрошувачка на електрична енергија во домаќинството.
Во овој текст ќе разгледаме како директната потрошувачка на електрична енергија од фотоволтаичната електроцентрала може да придонесе за зголемување на заштедата и уште пониски сметки за струја.
Дневнo производство и потрошувачка на електрична енергија
Но, што да правиме ако не знаеме колкава ќе ни биде потрошувачката во иднина?
Графикот којшто следува ја илустрира, отприлика, формата на профилите на потрошувачка во домаќинството, профилот на производство на фотоволтаичната електроцентрала, како и зоните кои настануваат со ‘преклопување’ на профилите на производство и потрошувачка.

Како што можеме да забележиме, најголемата потрошувачка е претставена во утринските и вечерните часови, поради нашите активности во домаќинството – подготовка на појадок, вечера или утрешен ручек, употреба на бојлери и други уреди во домаќинството. Најмалата потрошувачка е резервирана за периодот од денот кога поминуваме најмалку време дома, па со тоа користиме и најмалку електрична енергија.
Од друга страна, токму во тој период фотоволтаичната електроцентрала произведува најголемо количество на електрична енергија.
Ако повторно го погледнеме графикот, ќе ја видиме и површината која е обележана со темно сива боја, и таа ја претставува електричната енергија која е директно потрошена.
Со светло сива боја е обележана електричната енергија која не е искористена. Таа поминала низ нашето двосмерно броило и станала вишок кој е испорачан во електродистрибутивниот систем
Што е директна потрошувачка и зошто е најисплатлива?
Директната потрошувачка подразбира користење на електрична енергија произведена преку фотоволтаичната електроцентрала во моментот кога е таа генерирана. Ова значи дека вашите уреди користат соларна енергија додека свети сонцето, без потреба од складирање или враќање на енергијата во мрежата.
Клучната предност на директната потрошувачка е што таквата енергија не „минува“ низ броилото и, според тоа, не влегува во пресметката на сметката за струја.
Цената на киловат-часот во директната потрошувачка е – ефективно нула (0) денари.
Кога директното производство ја надминува потрошувачката, настануваат вишоци кои минуваат низ броилото и кои се предаваат на електродистрибутивниот систем.
Ако сте заинтересирани за деталните формули и начинот на кој се вреднуваат вишоците на електрична енергија предадени во електродистрибутивниот систем, вклучувајќи ги просечната цена на струјата (PCE) и пресметковниот период од шест месеци, посетете го линкот.
Како да го зголемите процентот на директна потрошувачка?
Поради нултата цена на киловат-час, директната потрошувачка е еден од главните фактори кои ја намалуваат сметката за електрична енергија, а со тоа воедно го забрзувате и повратот на инвестицијата во фотоволтаичната електроцентрала.
Еве неколку предлози како да ја зголемите директната потрошувачка, подредени од најевтини до најскапи опции:
1. Промена на навиките и обрасците на употреба на уредите
Наједноставниот начин за зголемување на директната потрошувачка е прилагодувањето на секојдневните навики.
-
Префрлете ја работата на уредите како што се бојлерот, машината за перење и сушење алишта/веш или садови на период од денот кога фотоволтаичната електроцентрала е најпродуктивна;
-
Планирајте активности како што се чистење со правосмукалка или подготовка на храна за време на најсончевите часови;
-
Иако некои активности бараат ваше присуство, повеќето модерни уреди имаат опција за одложен старт.
2. Користење на функцијата „Одложен старт“
Доколку уредот поседува опција за одложен старт, можете да го програмирате да започне со работа за време на најголемото производство на фотоволтаичната електроцентрала.
- Пред поаѓање на работа програмирајте ги уредите да работат во периодот на максимално производство (11-15 часот);
- Балансирајте ја моќноста на уредите (вклучување и исклучување) според моменталното производство на централата, немојте да вклучувате уреди така што нивната вкупна моќност ја надминува максималната моќност на централата. Информациите за моќноста на уредот и траењето на циклусот обично се достапни на декларацијата на производот.
3. Паметни приклучници
За уреди кои немаат функција за одложен старт, паметните приклучници (штекери) кои се контролираат преку безжичен интернет се одлично решение. Овие приклучници можете да ги набавите по цена од околу 1.000 денари, а ви овозможуваат далечински да вклучувате и исклучувате уреди, како што е бојлерот, преку апликација на мобилниот телефон.
4. Полнење електрични возила и батериски уреди
Најсончевиот дел од денот е идеален и за полнење електрични возила (автомобили, велосипеди, тротинети) и други уреди со батерии (лаптопи, телефони, роботи-правосмукалки).
5. Поставување батериски системи
Батериските системи овозможуваат складирање на вишоците електрична енергија и нивно користење за време на вечерните и утринските часови. Иако ова е најскапата опција, дава најголема флексибилност и автономија.
Напомена:
-
За инсталација на батериски систем потребен е хибриден инвертер кој поддржува работа со батерии.
-
Според законодавството, батериите можат да се полнат исклучиво од фотоволтаичната електро централа, а не од електродистрибутивната мрежа.
-
Цените на батериските системи постепено се намалуваат, но сѐ уште претставуваат значајна инвестиција.
Дополнителен совет
Обрнете внимание на карактеристиките на вашиот инвертор. Некои инвертери ги предаваат вишоците во електродистрибутивната мрежа по фази, додека други вршат изедначување на производството и потрошувачката на ниво на сите три фази. Зошто ова е важно, прочитајте во посебен текст на нашиот портал.
Заклучок
Директната потрошувачка на сончева енергија е клучот за максимизација на користа од фотоволтаичната електро централа. Прилагодувањето на дневните навики, користењето паметни технологии и, по можност, вградувањето батерии, можат значително да ја зголемат вашата енергетска ефикасност и заштеди.
Освен што секој месец ќе имате помала сметка за електрична енергија, зголемувањето на директната потрошувачка ќе придонесе и за побрз поврат на инвестицијата во фотоволтаичната електро централа на покривот на вашата семејна куќа.